колумна (Dnevnik, February 4, 1998) 

Ороспиjата од Вавилон 

Ѓорѓи Марјановиќ  

Пред пет-шест години, во својство на претседател на Лигата за демократија, се согласив да
проговорам нешто за "македонските работи", за една германска телевизиска куќа (АРД, ако не се
лажам). Знаев дека Германците се внимателни, педантни луѓе, кои неверојатно одговорно се
однесуваат спрема тоа што го работат, па сепак, бев изненаден од информираноста на дамата што
пред ТВ-камерите го водеше разговорот кога ми го постави прашањето со кое почнавме:

- Господине професоре, вие неодамна изјавивте дека Европа е курва...

Морам да признаам дека не ми беше пријатно што дамата го знае тоа што некаде навистина го бев
рекол. "Да госпоѓо, го реков тоа како цитат", гласеше мојот одговор. Потоа (не премногу опширно) и ја
раскажав приказната за цитатот.

Ґ ја раскажав тажната приказна за Илинденското востание од 1903 година, кога Европа не мрдна со
прст за да му помогне на македонскиот народ. Востанието беше задушено во крв, а македонскиот
народ, кој сй уште немаше литературен јазик (ни книги, весници, списанија), го кажа тоа што го
мислеше и чувствуваше за Европа преку песна. А таа песна ја нарекуваше Европа - "Вавилонска
блудница". Потем помина речиси цел еден век. Југославија се распадна без вина на Македонија.
Европа уште еднаш се најде во небрано, не знаејќи што да прави. И, како што веќе вообичаено се
прави во такви прилики, таа ја создаде Арбитражната комисија на чело со некогашниот
претседател на Уставниот суд на Франција, г. Бадентер, а во која беше член и сегашниот претседател
на Сојузна Република Германија, г. Херцог, со тврда беса дека ќе го почитува нејзиниот суд. (Впрочем,
за тоа и се прават арбитражните комисии!). Комисијата на г. Бадентер пресуди дека Југославија се
распаднала, а од поранешните југословенски републики само Словенија и Македонија ги
исполнуваат условите да бидат признаени како суверени држави.

Европа уште еднаш го покажа своето лице: таа е за почитување на правото, таа е за почитување на
договорите, таа е за почитување на арбитражите, но само кога е таа во прашање. Сето тоа,
едноставно, не ја задолжуваше кога беше во прашање Балканот. И таа реши: да ги признае на две на
три "своите" (средноевропски) земји - Словенија и Хрватска, но не и Македонија.

Тие денови, на скопските ѕидови се појави графитот "ЕЗ - курва!". Така, омиленото изразно средство
на младата генерација (која веќе не ги знае тажните поилинденски народни песни) го искажа
истиот суд за Европа како и анонимниот народен творец по 1903.: "Е(uropaeiche) G(emeinschaft) -
Dirne!" "Тоа беше, како што гледате, госпоѓо, цитат со кој јас лично сосема се согласувам!" Што
зборувавме понатаму веќе не се сеќавам, а не е ни важно.

На тој дел од разговорот, меѓутоа, се сетив деновиве кога првин шефот на државата, а потем и
неговиот прв разузнавач, фатија да нй подготвуваат за фамозниот коридор Косово - Албанија, кој
ќе се направел (ако добро разбрав) повторно со помош на Европа за да може стотиците илјади
бегалци да се иставеле пред теророт на Милошевиќ во прегратките на својата матична држава.

Сй се плашам да не останеме пак "со прстот в уста" (како што често имаше обичај да вели еден
пратеник од првото свикување на нашиот Парламент по независноста), како што останувавме
толкупати досега кога и верувавме на Европа.

Треба ли некого да го потсетувам на поведението на старата дама за време на санкциите спрема
Србија и Црна Гора: Македонија, која мораше да се придржува кон санкциите спрема својот
најзначаен стопански партнер (се тврдеше дека 60% од она што го произведуваме оди кај
северниот сосед) претрпе огромни штети, а никој во Европа не мрдна со прст да ни го олесни товарот
за кој не бевме виновни. Потем дојде ембаргото на Грција. Европа се прослави со тоа што ја даде на
суд единствената своја балканска членка - Грција (најлошото што се испилило на тој простор). Ја
даде, но правеше сй за да не дојде до судење. Така конечно и се случи: додека траеја бескрајните
бирократски перипетии во врска со тужбата, Грција, виде-не виде, го укина ембаргото.

И - никому ништо! Новите, дополнителни штети што ги претрпе земјава, повторно останаа
ненадоместени. А Европа си траеше, небаре тоа воопшто не ја засега.

Македонската политика, а и многу умни глави во Македонија, не разбираат дека поведението на
Европа спрема Балканот (изземајќи го грчкото галениче, лулката на западната демократија) се
раководи од една предрасуда: Балканот е нешто долно, нешто за што Европа зборува само
пејоративно, тоа е некаков кач-булумач од диви, пречувствителни, меѓусебно закрвени племиња,
од кои може да се очекуваат само суровости, војни и крв до колена.

Македонија падна на тој евро-тест! Наместо со реки крв по нејзините полиња, таа се раздружи од
Југославија мирно, кротко, небаре се делеа Чешка и Словачка. Славната, непобедива Титова армада
однесе од Македонија апсолутно сй што можеше да однесе, Македончето не мрдна со прст да го
брани својот имот (Та и тоа педесетина години делеше од устата 7 ли, 11 ли проценти од
националниот доход, нели?). Нека носат, само да сме живи и здрави. И, се чини, со тоа европско
поведение, апсолутно неочекувано од едно балканско племе, ние се замеривме со Европа. Сй што
правеше потем објективно одеше кон тоа ова племе да се доведе во ситуација кога ќе го покаже
своето вистинско варварско лице.

Сега, кога Европа ја очекува косовската кланица, како што со години по ред го очекуваше (ако не и
посакуваше) распадот на Југославија, на македонскиот претседател некој во Европа му ветил
помош во правењето коридор. За жал, нашиот претседател (кој е неверојатно шармантен слушател,
да ти е мерак да разговараш со него) никогаш не примил совет од кого и да е. Затоа, нема ни да се
обидувам вака, преку весник, да му солам памет.

Има само едно нешто што ми дава надеж за иднината: ниедно предвидување на г. Глигоров досега
не се остварило: нели ни вети јавно дека некрофилскиот евокативен акроним ќе бил за два-три
месеца. Оттогаш минаа години, а "FYROM" и понатаму ни е судбина. Нели нй убедуваше дека со името
"Република Македонија - Скопје" (кое некому му го беше ветил) нема да загубиме ништо. Па, ни од
тоа не стана ништо. Белки ќе даде Господ ништо да не стане ни од неговиот коридор!