Македонскиот јазик во јавното општење
Стихија од неразбирливи зборови

Марија КОРОБАР-БЕЛЧЕВА

Македонскиот литературен јазик е јазик на целото наше општество, со многу широки функции и во неговата писмена и во неговата говорна форма. Тој е општо прифатен, кодифициран пред сй на народна основа. Таа кодификација се темели и на старословенската традиција, на нашата писмена традиција низ вековите, која преку Преродбата и Мисирков ги одразува гласовните особености на современиот јазик. Тука треба да се одбележи и придонесот на Конески и во нормирањето и во понатамошниот развој на македонскиот јазик. Обвинувањата дека нашиот стандард е тенденциозен потег со политичка цел, дека е вештачка творба на една личност, ги побива реалноста повеќе од половина век.

Македонскиот јазик е признаен во светот, а преку него е признаен и потврден македонскиот народ, бидејќи јазикот е составка од првостепено значење за националната свест и култура, а неговиот стандард - влезница во светот на модерната цивилизација. Од тие причини, грижата за неговата примена мора да биде постојана и на сите рамништа. Со јасна свест за неговото значење и со постојаната нега ќе имаме и правилен развој на нашиот јазик и негова сигурна иднина. Притоа општествената поддршка е секогаш неопходна, дури би рекле дека таа поддршка мора да дава силен импулс за засилување на активноста во врска со неговата правилна примена во практиката.

Прашањето за јазикот во јавното општење е сериозно поставувано и во минатото. Познато ми е дека во 70-тите години е донесена резолуција во тогашното Републичко Собрание, дека повеќепати се организирани научни средби на таа тема. Од поблиското минато е собирот во 1996 година во Битола. Врв на општествената грижа претставува Законот за примена на македонскиот јазик донесен во минатата година.

Разбирливо е дека секое време носи нови специфични и дотогаш непознати поими и мисловни категории за кои се потребни нови лексеми. Но, за жал многу често се нудат несоодветни решенија, или без размислување се преземаат од други јазици, не водејќи сметка за правилата и за духот на македонскиот јазик. Тука треба да се спомнат србизмите и во последно време навалицата од англицизми. Јазикот постојано се развива, се збогатува и во таа насока природни се неговите промени. Многупати е кажувано дека нашата лексика треба да се збогатува со зборови пред сй од народниот јазик, да ги оживотворува убавите зборови од нашите дијалекти, да се богати со неологизми, но секогаш водејќи сметка за системот на јазикот, за неговите правила. Тие што професионално се задолжени да ја пропишуваат нормата треба да ја следат внимателно практиката и не смеат да бидат само пасивни набљудувачи и регистратори, туку секогаш соодветно да реагираат со цел новата лексика да биде според граматичките одлики на јазикот и секој збор да се вклучи во јазичната низа. Понекогаш може да дојде до судир на двата фактора што го претставуваат - од една страна, спонтаниот развој на јазикот (динамиката, т.е. практиката), а од друга, свесниот, статистички фактор (т.е. нормата), а може практиката и да се наметне и да влијае врз нормата. Промените се секогаш присутни, нив ги носи животот и од нив не треба да се бега. Меѓутоа, не смее стихијата да надвладее и да доведе до суштински промени што штетно ќе делуваат во понатамошниот развој на јазикот.

Во таа насока е поучно мислењето на Корубин дека јазикот нема апсолутно статички карактер, туку дека нормата е динамична појава во состојба на статичност и дека таа стабилност е обусловена од објективниот развој на јазичната стварност. Сепак, промените што ги носи времето не смеат да го нарушуваат системот на македонскиот јазик. Каде нй води преголемата употреба на туѓите зборови кај некои наши јавни личности? Ги разбирам како злоупотреба на ученоста, исто толку штетна како и неуката (Гилевски). Кај поединци, преголемата употреба на странските зборови често води кон банални импровизации и евтини ефекти. Само како илустрација ќе наведам еден напис (Вечер од 13 јануари 1999.) во кој родителот наведува еден пасус од учебникот по математиката за петто одделение. Тој гласи: операцијата со која се определува бројот на унијата на конечни дисјунктни множества се вика собирање. На тоа родителот коментира дека оваа дефиниција во учебникот врши фенеструм во спациотемпоралниот континиум.

Во овој контекст треба да се истакнат огромната улога и значење на образованието како појдовен и еден од најзначајните фактори во совладувањето на македонскиот литературен јазик. Но, не се работи само за учебните помагала, туку и за наставниот кадар. Многу често само се декларира улогата на стандардот без да се даде пример како тој треба да се применува.

За јазикот во медиумите, вистина е дека е оптоварен со сложеност, бидејќи мора да ја следи динамиката на времето, а со тоа и динамиката на развојот на јазикот и тоа во сите негови сфери. Едно е, сепак, сигурно, новинарот треба многу добро да го познава литературниот јазик (неговата граматика, правопис и лексика). Оттука произлегува и неговата голема улога во широкото усвојување на нормата и одговорноста за нејзината неиздржаност.

Радијата и телевизиите нудат најразновидна говорна практика (од најобична, секојдневна до таа со највисоки уметнички дострели). Тие се медиум со најголема публика и, со самото тоа, со најголема улога и моќ да придонесат за правилна употреба на македонскиот литературен јазик. А споменатиот наш писател за овој проблем ќе напише: ...кога говорат водителите на одредени емисии... човек не може да не почувствува застрашувачка угроза. Би додале дека е потребно усовршување на литературниот изговор на спикерите (поради нашите самогласки, поради некои наши согласки и особено поради нашата интонација и акцентот). За јазикот на надворешните соговорници во емисиите не е потребно да се зборува.

По сй изгледа дека најлоша е состојбата со јазикот во администрацијата: во кореспонденцијата што ја водат нашите установи, стопанските организации, судството, правните служби и сл. Да не ги споменуваме проспектите, етикетите и другиот пропаганден материјал.

Затоа, може да се каже дека не е во прашање нужноста од правилна употреба на нашиот стандарден јазик, таа е неоспорна, туку нашата свест за неговото значење.

Авторката е директорка на Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков во Скопје

Dnevnik, 22 fevruari 1999