Kолумна (Dnevnik, December 24, 1997)


Реципроцитет — конечно!

Иако наводно немаат македонско малцинство, зашто (не знаејќи за „Пиреј“ на Петре М. Андреевски) наивно мислат дека темелно го истребиле, Грците имаат посебно изострено сетило за „македонцките работи“. Така, за да не им го расипува душевниот спокој на првите (и најмили) соседи, на времето нашиот благоупокоен сојузен претседател (Бог да го прости!) беше дал тврда беса дека во меѓусебните односи со нив педесет години нема да се спомнува македонското прашање. Добрососедската идила донекаде ја расипуваше фактот што северниот сосед имаше федерална единица и издаваше весник со тоа име.

За чудо, името на федералната единица не им пречеше толку сй додека соседот беше федерација. Малку се бунеа против весникот, обидувајќи се да го убедат светот дека тоа било чуден феномен (како кога тие во Грција би фатиле да издаваат дневник со име „НОВА БОСНА“).

Но, никој освен нив не се исчудуваше на тој факт (Европа од 1913 година наваму добро ја знаеше тажната приказна за Македонија), па ние немавме којзнае каква потреба некому да му објаснуваме ноторни работи.

Грчкиот хиперсензибилитет за „македонцките работи“ проработе дури пред десетина години, кога тие го насетија скорешното распаѓање на Југославија и поитаа да го прекрстат своето „Министерство за Северна Грација и Тракија“ во „Министерство за Македонија и Тракија“.

Преку ноќ Македонија, од речиси забранет географски поим, стана најчувствително прашање на грчкото национално битие. Толку чувствително, што успеаја во предизборната програма на Бил Клинтон да се најде фамозната реченица, според која, „како што се одвиваат промените на Балканот, Америка треба да води сметка за грчката чувствителност во врска со употребата на името Македонија“.

Надвор од Македонија речиси редовно мора на странците да им објаснувам зошто се Грците толку чувствителни на ова прашање. Моето објаснување (кое не мора да е задолжително) секогаш гласи: три мали балкански империјалисти (Грција, Србија и Бугарија) ја грабнаа од Турција земјата по име Македонија и, откако меѓусебно си пуштија по малку крв во Балканските војни, во 1913 година ја поделија меѓу себе. Во меѓувреме, едниот завојувач (Србија) го загуби својот дел и тој стана суверена држава, а Грција се стресе од страв дека тоа може да и се случи и нејзе. Тоа, и ништо друго, го објаснува нивното лелекање до небеса дека „Македонија беше и е грчка“. Оставајќи го настрана прашањето за етногенезата на денешните Македонци, секогаш тврдев и тврдам дека целиот свет (па и Грција) знае оти беше токму обратно: „Грција беше македонска“, а Македонија е грчка само од 1913 година. И го наведувам (како доказ) написот што и ден-денес може да се прочита на надгробниот споменик на Демостен, големиот македономрзец од времето на Филип Македонски: „Да беше силен колку што беше умен, немаше да умре како роб“. А умре како македонски роб, зашто Филип го почна а Александар го доврши освојувањето на Грција. За чудо, официјалната страна на суверена Македонија никогаш и не се обиде да ги изнесе пред меѓународната јавност тие факти. Бугарите (кои претендираат на цела Македонија, а при делбата се задоволија со мизерни 8,5% од нејзината територија, што е доказ над доказите за тоа колку навистина е нивна) направија цел тим од научници, кој треба да ја поткрепи нивната теза. Нашата кауза му е препуштена на еден човек, кој (со сиот респект што му го должам како на шеф на државата) нема којзнае каков став за ова прашање и се вее како вејка на ветрот од „надворешниот фактор“.

За да не ме обвини некој дека зборувам „на памет“ ќе потсетам: та, нели еднаш нй убедуваше дека (веројатно по аналогија со Конго-Бразавил) треба да прифатиме „Република Македонија - Скопје“, за потоа да ја прифати сугестијата на европските некрофили да се викаме „Поранешна југословенска република Македонија“, убедувајќи нй дека тоа било за кратко („неколку месеци“, ако не ме лаже сеќавањето). Неодамна чув дека им предложил на Грците да бидеме Република Македонија за цел свет, а тие може да нй викаат како што сакаат. Небаре тие тоа не го правеа и досега (редовно нарекувајќи нй „Република Скопје“). Презафатен со приемите на политичките големци од онаа етничка група што само ние на светот не смееме да ја викаме така како што таа самата себе се нарекува, опкружен или од стари советници или од штотуку испилени советнички, шефот на македонската држава нема време за некакви си таму „научни докази“, за национален консензус и слични трици. И постојано се надева дека Грците ќе нй остават на мира. Кога пред некоја година Грците ни го наметнаа фамозното ембарго, појдов до него за да го запрашам до кога македонската граница ќе функционира според принципот на „осмотски притисок“ (запирајќи сй што од Грција е наменето за Македонија, а пропуштајќи сй што преку Македонија беше упатено кон Грција). Наместо каков и да е одговор, ме убедуваше дека со примена на принципот на реципроцитет Македонија многу би загубила од симпатиите што ги ужива во светот. Кога го прашав да ми каже (ако не е државна тајна) колку милиони долари добила Македонија а конто големата љубов на меѓународната заедница спрема неа, господинот претседател не ме удостои со одговор.

Затоа денес, кога конечно е донесена одлуката за реципроцитет во односите со Грција, му честитам на нејзиниот автор. Ако ова, заедно со нужната одбрана на Републиката во Гостивар, е причина за „расколот“ меѓу шефот на државата и премиерот (за кој известуваат хиперсензибилните грчки гласила), готов сум јавно да се ставам на страната на последниов: јуношите од СДСМ очигледно имаат повеќе смисла за правната држава и за начинот на кој таа мора да функционира.

Сепак, ова не значи дека на следните избори ќе гласам за нив. Јас сум злопамтило и не гласам за тие што ја „заобиколуваат вистината“ (да не речам поинаку), па де ветуваат де одрекуваат предвремени избори, де ветуваат де одрекуваат борба против октоподот, итн. итн.

Да не набројувам.