View with MS Internet Explorer

Прoчka


Ефтим ГАШЕВ

Утре се Поклади, Прочка, амкање јајца, задутре - Чист понеделник, Велики пости. На Прочка помладите одат кај постарите на поклонение, барајќи прошка на греовите и прегрешенијата. "Прости ми! - Нека ти е просто!" Иронијата на македонската судба се поигрува: токму на Прочка во Софија (Бугарија) двете скарани страни - нашата и нивната, ја потпишуваат Декларацијата за решавање на јазичната кавга.

Скараните страни најдоа соломонско решение. Речено-сторено: Договорите меѓу двете држави, македонската и бугарската, во иднина ќе се потпишуваат на официјалните јазици - македонскиот и бугарскиот, согласно со уставите на двете држави.

Според проѕирните ставови на бугарската страна, јасно станува збор за македонскиот јазик од 1991 година; јазик административно-државен, донесен со декрет; научна измислица "Караџиќ-Конески", поточно, скопско-српски јазик. Формулацијата од Декларацијата кај бугарската страна инспирира илузија и алузија за едновремено суштествување и на "некојси" друг македонски јазик, надвор од Уставот, поточно, бугарски дијалект, или бугарски јазик промовиран од МПО како "илинденски", на кој, впрочем, и се печати "Македонска трибуна". И покрај тврдоглавоста и искомплексираноста, вистината е една: суштествува и опстојува САМО еден - единствен македонски јазик, на кој мислат, зборуваат, пишуваат, учат и творат Македонците во Македонија; јазик на Македонците од Пиринскиот, Егејскиот и Албанскиот дел на Македонија, како и јазик на македонската емиграција во светот. Тој е во целосна употреба на сите граѓани во Република Македонија, а како таков дури и се изучува на повеќето светски универзитетски центри.

Загрижената бугарска дипломатска провениенција во решавањето на т.н. јазичен спор, великодушно ни предлагаше дванаесетина компромисни комбинации, препорачувајќи и македонската страна да "го дооди својот дел" од спасоносното решение. Тоа алтруистичко решавање е инспирирано од софиската дипломатија, која очекува кај скопјани да предизвика чувство на обврска и гест на признателност. Во случајот, реваншот е токму цената на предусловот, евидентен во постулат на Декларацијата: Република Македонија нема да ги штити статусот или правата на лицата од Бугарија што не се граѓани на Република Македонија. Каква брилијантна дипломатија! Кој им е кабает на кутрите Македонци-Пиринци што навреме не обезбедиле пасош од својата матична држава, македонската. Малку и за вас промени, нели сме си браќа!

И покрај дипломатската замена на тезите во дадената ситуација, и покрај немањето македонско државјанство, на Македонците од соседството и од емиграцијата во светот НИШТО не им рпечи да се чувствуваат, како што се чувствуваат, Македонци со македонско национално сознание, се разбира, без бугарски корени.

Пред цифрите, не само боговите, туку и потписниците на Декларацијата треба да застанат простум. Независно од меѓудржавниот акт со кој Република Македонија самата си ги ампутира уставните права и обврски за грижата на националните интереси на своите сонародници надвор од државните граници, во Република Бугарија, покрај милионската македонска емиграција, живее и дел од автохтон македонски народ. Последниот факт најилустративно го потврдува официјалната бугарска државна статистика, од која наведуваме некои показатели.

Во декември 1946. во НР Бугарија е извршен првиот повоен попис на населението, кога и националните малцинства можеа слободно и демократски да ја искажуваат својата национална припадност. Од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија 70 отсто се изјасниле како етнички Македонци; десет години подоцна (1956.) при пописот на населението во Пиринска Македонија од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862, или 63 отсто од целокупното пиринско население; во пописот од 1965., при евидентен жесток терор и притисок во НР Бугарија, како Македонци се декларирале САМО 8.750 жители; а при пописот од 1975., кога се спроведуваше геноциден терор, НИТУ ЕДЕН жител на НР Бугарија не се декларирал како Македонец. "Каде сте, Македончиња, каде сте, кај отидовте...?" - ќе запраша низ песна и жал македонскиот гениј.

За тоа емотивно писание некој и ќе рече: националромантизам, а кога сме кај романтиката, колку за илустрација, да го преповториме актуелниот бугарски претседател г. Петар Стојанов: "Македонија е најроматничниот дел на бугарската историја!" Во овој контекст интересно е да се чуе и професорот од софискиот Универзитет д-р Тончо Жечев во рецензијата кон книгата: "Македонија како бугарска земја", (Софија, 1993 година): "Македонија и македонските Бугари се вткаени во основата на бугарската култура, без кои и нема бугарска култура". Ова се веќе јасни симптоми за сериозна дијагноза. Македонски корени! Зборот "Бугари" останува како алиби за болната вистина.

Dnevnik, 22 fevruari 1999