Интервју:

Марија Коробар-Белчева, директорка на Институтот за македонски јазик

Нападите врз jазикот се напади врз земjава 

Конески е напаѓан постојано, за жал, од многу одамна, од 1948 година, кога велеа дека литературниот македонски е „вештачка творба, т.е. јазик на скопските титовисти“, сй до неговата смрт. Јасен е стремежот да се урне угледот што го имаат и нашата наука за јазикот и нејзиниот основоположник, Блаже Конески. Точно е дека во одреден период на развојот на македонскиот јазик, па и денес, србизмите се впечатливо присутни. Но, да се тврди дека тоа е дело на Конески во најмала рака е невкусно. Нападите врз нашата јазична норма се атакување врз столбот на Македонија - јазикот. А доаѓаат или од центри надвор од земјава, од чисто политички причини, или од поединци што со ништо не придонеле за неговиот развој и афирмација, вели Марија Коробар-Белчева, директорка на Институтот за македонски јазик, во интервјуто за „Дневник“.

ДНЕВНИК: Во медиумите во последните години се актуелни преписки и дебати за проблеми при употребата на Правописот на македонскиот литературен јазик, дека мора да претрпи измени, дека од лексичка и семантичка гледна точка тој одамна „пораснал“ итн. Каков е ставот на Институтот за македонски јазик, како најзначајна институција во државата чија основна задача е грижата за македонскиот литературен јазик?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Правописите и речниците се основни помошни средства за правилна употреба на литературните, поточно, стандардните јазици. Нашиот правопис беше озаконет на 7 јуни 1945 година. Тој има претрпено неколку промени, и од 1969 година, кога излезе заедно со правописниот речник, главно се преиздава, со или без нужните дополнувања. Не знам дали Ви е познато дека токму годинава излезе ново, дополнето издание од истите автори. Ми недостига вообичаениот речник на крајот, кој би требало да ги даде новите навлезени зборови во македонскиот јазик и да го ослободи речничкиот фонд од зборовите што повеќе не се во употреба, а паралелно со тоа да го збогати со нови убави лексеми што, независно од Правописот, живо суштествуваат во јазикот. Да, во таа насока треба да се интервенира. Во земји со развиено чувство на гордост кога е во прашање сопствениот јазик, како што се Франција и Германија, правописи излегуваат секоја година. Во нив точно се нормира секоја нова лексема, секоја најмала модификација што нужно се наложува како продукт на новото време. Во таа насока треба да се работи и кај нас. Но, да се надеваме дека и тој правописен речник наскоро ќе биде подготвен.
Во врска со промените, сега јас ќе Ви го поставам прашањето: дали со овие правописни норми и со оваа азбука сте дошле во ситуација да не можете да се искажете на македонски јазик? Со која азбука и според кој правопис е напишана сета наша, според обемот импозантна, литература за последните пет децении? И не се работи само за убавата литература, туку евидентен е развојот на сите функционални стилови, т.е. на различните типови на дискурсот. Македонија е автентичен историски и етнички простор, со дух што ја надмина територијалната реалност на нашата држава и промовира дела со универзални вредности. Сите тие дела се напишани на нашиот, македонски јазик, кој треба да го градиме и да го негуваме.

Кога се зборува за промена на Правописот, обично се мисли и на азбуката. Нашата азбука е кириличка и природно ја следи нашата постара писмена традиција. Адаптирана е кон гласовниот систем на централните македонски говори, кои ја чинат основата на македонскиот литературен јазик. За неа многу странски лингвисти се изјасниле дека е една од најсовршените писма, а писмото е визуелен израз на јазичкиот феномен. Формата и инвентарот на буквите претставуваат наша, македонска варијанта на кирилицата. Таа се темели на старословенската традиција, на нашата писмена традиција низ вековите, која преку Преродбата и Мисирков до денес ги одразува гласовните особености на современиот македонски јазик.

ДНЕВНИК: Има реакции дека нашиот јазик е оптоварен, главно, со србизми.

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Во социолингвистиката е разработено прашањето за влијанието на еден јазик врз друг преку нивните контакти, при што влијанието на јазикот со престиж е доминантно. Таков јазик со престиж беше кај нас српскиот (кој во поранешна СФРЈ го викавме српскохрватски). Тоа доведе до некритичко прифаќање на србизмите, пред сй во говорниот јазик, и покрај тоа што во македонскиот јазик постојат соодветни убави зборови. Дозволивме србизмите до таа мера да се вгнездат во нашиот јазик, што сега нивното искоренување не оди толку лесно. Сепак, од осамостојувањето до денес има голем напредок. А не е проблемот само со србизмите. Сличен тренд има сега со англискиот јазик.

ДНЕВНИК: Јазикот се заштитува со закон, се разбира, ако тој се спроведува. Годинава е донесен Закон за употребата на македонскиот јазик, чија цел е да и се стави крај на постоечката состојба: натписи на фирми на странски јазик и некириличко писмо, објавување нелекторирани текстови и многу други неправилности. За таа цел е воведено полагање лекторски испит за тие што директно се занимаваат со правилната употреба на македонскиот јазик. Законот е во сила, какви се Вашите согледувања за тоа колку тој се спроведува и какви се надлежностите и ингеренциите на Институтот?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Да, за наше големо задоволство, Законот е донесен и нема сомневање дека се преземени сериозни активности за неговата реализација. Па, со самото негово најавување се почувствува подобрување. Мене ми е мака што сме принудени да дејствуваме со закон. Ќе беше многу подобро да имавме јасно изградена свест за значењето на сопствениот јазик, за тоа дека јазикот е прв конститутивен елемент на државата. Јасно е, ако не постои македонски јазик, нема да постои ниту македонски народ. Јазикот е симболичка форма на човечкиот дух, најубава творба на природата создадена за разбирање меѓу луѓето. Затоа народите со подолга државна традиција од нашата многу полагаат на јазичната култура. А ние, сега во самостојна држава, треба да водиме постојана грижа за македонскиот јазик на сите рамништа во текот на целиот живот (од домашните огништа до конечното образование, па и потоа).

При Министерството за култура е формиран Совет, верификуван од Владата, и тој многу сериозно се зафати со работа. Направена е амбициозна програма што ги опфаќа сите сегменти на употребата на македонскиот јазик. Освен тоа, почна полагањето на лекторскиот испит, направени се елаборати на повеќе теми и слично. Самиот факт што сиот пишан јазик ќе биде под постојана јазична контрола дава простор за оптимизам. Институтот е вклучен во реализацијата на Законот со еден претставник во Советот и еден во Комисијата за полагање на лекторските испити.

ДНЕВНИК: Грижата на една нација за својот мајчин јазик се гледа преку Правописот и Речникот. И двата значајни документа се застарени. Имаме независност и незавидно политичко опкружување (бугарско негирање на посебноста на македонскиот јазик, нападите врз Конески за наводна „србизација“), но и македонски јазик со посебна нормираност. Нели е ова вистинско време за да излезат на виделина нов правопис и речник. Какви се заложбите на Институтот на тој план?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Чудно е колку инсистирате на нов Правопис. Па, правописните норми се тие што се утврдени и врз чијашто основа функционира нашиот јазик. Потврда за неговата успешност е огромната духовна продукција на македонски јазик. Не е логично и едноставно административното менување на Правописот. Лошо е ако не се почитува традицијата во јазикот. Правописот е општествен договор за правилно пишување на зборовите и за употребата на одделни букви, кој е прифатен и потврден. За некои негови доуточнувања и дополнувања сигурно ќе се јави потреба, но најмногу поради појавата на нови образувања и заемки во секојдневната јазична практика. А политичкото опкружување е такво какво што е, независно од нашиот Правопис, дури и кога тој би бил идеален. Точно е, треба на него постојано да се работи и тој да го следи и да го насочува развојот на јазикот, да укажува на можноста лексиката да се збогатува од нашите дијалекти, да се ослободува од зборови што повеќе немаат функција и слично.

Исто така, не е спорно дека Речникот на македонскиот јазик е отпечатен пред 30 години и дека е одраз на јазичната состојба на тоа време. Нему од денешен аспект може да му се наоѓаат забелешки. Друга работа е што досега не е направен понов речник со посовремена методологија. Немојте да мислите дека не сме свесни за тоа. Во Институтот се работат повеќе речници и наш недостаток е што досега не е направен поголем речник на македонскиот јазик.

Обвинувањата дека Конески го србизирал македонскиот јазик се многу тешки и навредливи. Точно се знае од кој центар доаѓаат и каква им е целта. Не сум сретнала написи од македонисти на таа тема. Тие што го напаѓаат во нашата земја се главно луѓе со други професии што по секоја цена сакаат да бидат присутни во јавноста. Треба добро да се познава делото на Конески за да може да се напаѓа. Конески беше човек со големи доблести и извонредни лингвистички способности. Па, него со право го нарекуваат духовен творец на Македонија. Писателот Петре М. Андреевски по еден повод убаво рече: „Камо среќа на секои сто години да ни се раѓа по еден Конески“. Покрај тоа, македонскиот литературен, или уште поточно, стандарден јазик, е кодифициран пред сй на народна основа и сосема е видлива неговата блискост со народниот јазичен израз. Исто така, нашиот литературен јазик не се создаваше во 1945 година од Конески со група луѓе во Комисијата, ами се градеше и се оформуваше со векови. Зарем ќе ја заборавиме јазикотворечката дејност на Крсте Мисирков и на неговите претходници? Впрочем, сите образувани луѓе, не само во Македонија, убаво знаат дека Конески само ги реализирал визиите на Мисирков за македонскиот литературен јазик, а тој, Мисирков, сигурно не го србизирал македонскиот јазик.

ДНЕВНИК: Слушаме обвинувања за наводно силно влијание на српскиот јазик врз македонскиот, кои главно се насочени против Блаже Конески, човекот што, по Крсте Петков Мисирков, ги постави темелите на македонскиот јазик и го почна неговото нормирање. Каков е ставот на Институтот за тоа?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Обвинувањата постојат речиси цело столетие. Тие особено зачестија во последните години, откако се зголеми афирмацијата на Република Македонија во светот. А Конески е напаѓан постојано, за жал, од многу одамна, од 1948., кога велеа дека литературниот македонски е „вештачка творба, т.е. јазик на скопските титовисти“, сй до неговата смрт. Јасен е стремежот да се урне угледот што го имаат и нашата наука за јазикот и нејзиниот основоположник, Блаже Конески.
Точно е дека во одреден период на развојот на македонскиот јазик, па и денес, србизмите се впечатливо присутни. Но, да се тврди дека тоа е дело на Конески во најмала рака е невкусно.

Ставот на Институтот е многу јасен. Нападите на нашата јазична норма и на делото на Конески се големо и тенденциозно атакување врз македонскиот јазик, врз столбот на нашата куќа што се вика Република Македонија. А го напаѓаат или одредени центри надвор од земјава, од чисто политички причини, или поединци што со ништо не придонеле за неговиот развој и афирмација.

ДНЕВНИК: Колку вие, како институција, имате изградено политика и стратегија на работа, како одговор на нападите на тие што ја негираат посебноста на македонскиот јазик?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Веднаш да Ви одговорам дека во Институтот за македонски јазик се работат научни проекти со трајни вредности. Не е во ред Институтот да реагира на обвинувања без основа. Нашиот јазик е афирмиран во светот. Ние правиме сй за да придонесеме таа афирмација да биде уште позабележителна. Во Институтот само годинава се излезени 3 монографии (деновиве се очекуваат уште две) и два броја од нашето списание „Македонски јазик“. Погледнато во целина, Институтот за македонски јазик има издадено повеќе од 100 книги со македонистичка проблематика. Меѓу нив се и повеќе од 40 броја на нашето списание, кое е отворено за сите слависти во светот. Во него со свои прилози се јавиле многу елитни лингвисти од сите меридијани на светот и со самата нивна појава на страниците на „Македонски јазик“ ја бранат вистината за македонскиот јазик.

Институтот нема потреба да гради политика и стратегија за одбрана од нападите, како што велите. Институтот се занимава со афирмација на науката. Да се впушти во каква било полемика значи да остави простор за дискусија. Понекогаш луѓето од Институтот сами проценуваат дали треба да реагираат или не. Но, има и случаи на колективно реагирање.

ДНЕВНИК: Одредени кругови исфрлија теза дека македонскиот јазик е автохтон и дека корените не му се словенски. Има ли аргументи што би оставиле простор за веродостојност на таа теза?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Нема ниту една сериозна научна студија што може да ја потврди таа „теза“. За тоа не сакам воопшто да зборувам.

ДНЕВНИК: Странските лингвисти потенцираат дека е несфатливо еден јазик како што е нашиот, за чие изучување се отворени многу катедри во светот, да нема Толковен речник. Речникот долго време се најавува, а сепак никако да излезе на виделина.

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Тоа е апсолутно точно. Сметам дека е нужно пошироко објаснување. Речникот како проект „Толковен речник на македонскиот јазик“ со потпроект „Речник на македонската народна поезија“ се работи повеќе од три децении во Одделението за лексикографија и лексикологија во Институтот за македонски јазик. Од потпроектот се излезени три тома, а е подготвен за печатење и четвртиот том. За Толковниот речник главно се ексцерпира материјал и се собрани, според раководителката на Проектот, д-р Димка Митева, повеќе од 3 милиона единици. Во Одделението работат, покрај раководителката на Проектот, три асистентки (едната од нив е примена на работа во Институтот пред само неколку месеци). Значи, Одделението нема ниту доволно соработници, ниту соодветна кадровска структура за работа. Од тие причини, Министерството за наука побара формирање на поголем тим за работа врз Толковниот речник, и тоа од компетентни научни соработници. За таа цел беше формиран Иницијативен одбор, кој го сочинуваа акад. Оливера Јашар-Настева, како претседател, д-р Алекса Попоски, декан на Филолошкиот факултет, и јас, како директорка на Институтот. Одборот свика состанок, на којшто присуствуваа најеминентни лингвисти од Факултетот, МАНУ, Институтот, а имаше и претставник од Министерството. На состанокот требаше д-р Митева да реферира за состојбата во картотеката на Речникот. Таа тоа не го стори, за што и беше забележано од присутните. Состанокот речиси пропадна. Сепак, беше решено присутните да претставуваат Работна група, која би била отворена за соработка и за други лингвисти. Се договоривме да се формираат повеќе комисии (за методологијата, за состојбата во картотеката и сл.), а во Иницијативниот одбор да се вклучи и д-р Митева, како раководител на Проектот. На следниот состанок на Иницијативниот одбор, кој го свика акад. Јашар-Настева, д-р Митева не сакаше да дојде, а кога по лично инсистирање на Јашар-Настева се појави, се изјасни дека не го почитува ова тело. Таа соопшти дека самата (како индивидуален труд) има подготвено Толковен речник на македонскиот јазик, но и дека едновремено, во тригодишниот план за работа на Проектот, составила екипа за изработка на Толковен речник, па сега вработените во Институтот можат да се вклучат во тимот што таа ќе го раководи и слично. Деновиве Министерството за наука и го одобри Проектот и сега д-р Митева треба да ја организира работата врз Толковниот речник. Нека повели, немам ништо против, таа и досега беше раководител, само ми е жал за времето што го вложив за Речникот да се работи заеднички и во поинаква атмосфера. Не сакам да се осврнувам на нападите на д-р Митева врз мене во печатот.

ДНЕВНИК: Го обвинуваат Институтот за затвореност, крутост, кога се во прашање жаргонската лексика и неологизмите.

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Институтот има научна дејност, која ја реализира преку своите проекти. Точно е дека сме затворени во своите канцеларии затоа што е таква природата на нашата работа. Само, морам да кажам и дека Институтот организира предавања и промоции, кои како да не се интересни за медиумите. На предавањето што се одржа пред два месеца присуствуваше претседателот на Републиката, а салата беше речиси празна, без претставници од медиумите, иако беа уредно поканети. Темата на предавањето беше „Последното негирање на македонскиот јазик“ - значи, не беше строго научно, т.е. беше пристапно и за тие што не се специјалисти, односно македонисти.

Наскоро во Институтот ќе се одржи собир на тема „Јазикот во јавното општење“. Мислам дека таа тема треба да предизвика интерес кај јавноста. Исто така, новинарите и лекторите би требало барем да присуствуваат, ако веќе не сакаат да учествуваат. А покани за учество се испратени до сите редакции.

Досега не сум слушнала за крутост од наша страна, кога се во прашање жаргонската лексика и неологизмите. Неологизмите се секогаш добредојдени ако се во духот на нашиот јазик. Па тие се онаа свежина во јазикот без која не е можен неговиот развој. Жаргоните, пак, имаат специфична функција во секој јазик и тие сериозно се проучуваат. Во последниве години излезе за нив еден монографски труд на наш колега од Катедрата за македонски јазик, а пред неколку месеци на таа тема беше одбранет и еден магистерски труд од наша соработничка во Институтот.

ДНЕВНИК: Институтот е во надлежност на Министерството за наука. Се знае дека се изделуваат значителни суми државни пари за негова работа. Колку се тие доволни за да си ја врши функцијата?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Парите се секогаш голем проблем. Платите во Институтот се значително помали од тие на колегите на Филолошкиот факултет, а обврски има многу (месечни норми на проектите, подготовки на магистерски и докторски дисертации, задолжително пишување научни прилози и слично). Нашата работа не е ниту лесна, ниту едноставна. Од овие причини се случува и одлевање на веќе обучениот кадар во други, сродни институции. Сепак, морам да кажам дека Министерството за наука има разбирање за нашите проекти и ги финансира целосно, а одделува и средства за печатење на нашите списанија и монографски трудови, и тоа не само од наши соработници. Така, во издание на Институтот се отпечатени дела на македонисти од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, од академици и слично. Веќе споменав колку дела се отпечатија само оваа година со средства од Министерството за наука.

Министерството има разбирање и кога се во прашање нашите учества на научни собири кај нас и во странство.

ДНЕВНИК: Институтот за македонски јазик е извонредно значајна институција за земјава. Посебноста на јазикот ја одредува посебноста на народот. Колку работата на Институтот е под влијание на политиката на власта?

КОРОБАР-БЕЛЧЕВА: Мислам дека останавме надвор од дневната политика, како што и прилега на вистинска научна институција. Се гледа дека не Ви е познато оти ние ги предлагаме проектите што ќе се работат во Институтот, потоа преку Министерството тие се даваат на анонимно рецензирање и по добивањето на рецензиите се финансираат според критериумите на Министерството. На тој начин се води политика што е во интерес на државата, а не на одредена политичка партија.
Лилјана Дамовска

(Dnevnik, November 21, 1998)