Господ ги чува будалите

od GJORGI MARJANOVCH (Dnevnik, Kolumna, 3 Dekemvri 1997)

Не требаше долго да гатаме што чудо самит беше она кај претседателот на Републиката: дојде официјално соопштение и црно на бело ни растолкува дека националните (и ненационалните) лидери постигнале и потпишале консензус оти Македонија требало да се помачи за да влезе во Европската Унија.

Аферим! На свесните што македонски што проалбански, пробугарски, просрпски, протурски, троа ромски, а троа ини сили, им беа потребни два ли, три ли дена жестоки дебати (една дама ми посведочи: "се расправаа како жени на чешма!") за да дојдат до согласност за нешто за што и децата од предучилишна возраст би се разбрале додека да трепнеш: кажи им само дека таму ги чекаат бесплатни чоколади и еве ти согласност со акламации.

Ако Грците живеат како бубрег во лој благодарение на европската помош, Македонците (што економски се баеги подолу) би требало да очекуваат барем исто толку богата апанажа. И за тоа бил потребен консензус!

Јас пак, неразбран, како што ме дал Господ, на времето очекував национален консензус за тоа дали земјата да се понижи со она FYROM, најглупавиот "авокативен акроним" што некој некому некогаш му го клал. За тоа шефот на државата не ги свикуваше лидерите на самит, иако требаше.

Деновиве ја читам "Воени мемоари" на Шарл де Гол. Генералот, отпадник од режимот во Виши, ги присобира околу себе остатоците од силите на Франција и ги организира за битка против германскиот освојувач.

Американците (имајќи други планови со Франција) не сакаат да го признаат како привремена влада неговиот комитет за национално ослободување (како што нашите сојузници не сакаа да нй признаат под името Македонија). За чудо, генерал Де Гол (подоцнежен претседател на Француската република) размислува битно поинаку од нашиот претседател: "Il ne convient pas љue ce љue nous sommes ou allons etre dipendent du choiџ des autres".

Ова го цитирам во оригинал зашто Македонија, верувале или не, од неодамна е посматрач во Франкофонската унија, што значи дека францускиот ни е тукуречи втор мајчин јазик. Сепак, за тие, и не толку малобројни, што тој јазик не го знаат, (слободно) ќе ја преведам оваа важна мисла, која нашиот претседател (актуелниов и тој што ќе сака да го наследи) би требало да си ја држи на наткасна во спалната и да си ја препрочитува барем десетпати секоја вечер пред спиење. Елем, le General de Gaule (на цитираното место во "Memoires de guerre", Плон, Парис 1989, стр. 461) вели: "Не е добро она што сме или ќе бидеме да зависи од изборот на другите".

Да имавме нешто барем слично на генерал Де Гол во времето од пред неколку години, денес немаше, наместо под "М", во адресарот на Советот на Европа да фигурираме (верувале ли или не) под буквата "Т". А таму ни е местото, со оглед на тоа што англиската варијанта на авокативниот акроним гласи "The Former Yugoslav Republic of Macedonia", и почнува не со "М", туку со "Т".

Затоа и не е чудо кога некој неразбран, како што ме дал Господ мене, во Советот на Европа ќе се обиде да се избори за малку правда за својата земја, тамошните луѓе со лесно забележлива неудобност да го потсетат дека Македонија никој не ја присили да го прифати ова чудо од име. Таа самата се согласи да се вика "Поранешна југословенска република Македонија", без претседателот да свика лидерски самит што ќе реши дали земјата ќе прифати име што мириса на пцовисана држава.

Сега залудно одбиваме во белиот свет да потпишуваме договори со тоа постхумно име. А, всушност, и не е точно дека не потпишуваме: кога ќе ни притребаат пари, потпишуваме сенешто. Тоа дека на нашиот документ стои "Република Македонија", а на нивниот "The Former Yugoslav Republic of Macedonia", не значи ама баш ништо: ние за нив сме тоа што сме биле во милата ни и непрежалена СФРЈ. Се чудам само зошто и тоа го фалсификувавме: та нели бевме "Socialist Republic of Macedonia", па акронимчето ни требаше да гласи "FYSROM". Туку нејсе! Се стори! На будалите отпосле им текнува.

Во нормални земји, за она што кај нас решава еден човек (верно, со едно чудо што стари советници, што штотуку испилени советнички), се решава со консензус на националните партии (никако не и на тие што по своето мислење за нашите домашни работи одат на консултации во соседните престолнини). А шефот на државата добро обмислува кого испраќа на преговори по белиот свет (особено ако се во прашање разно–разни Захаријадиси).

Мене (морам конечно и јавно да признаам) многу ме зачуди кога првпат прочитав кој (од наша страна) ќе преговара го Грците за името. Зашто, не е тајна дека и за тоа се преговара на Ист Ривер. Прво ме чудеше зошто далеку побогатите Грци за преговорите (на еден трошок) го користат својот амбасадор во ООН, а ние сиромасите, покрај не многу искористениот тамошен амбасадор, испраќаме (и плаќаме) уште еден.

Особено ме чудеше изборот на токму тој господин, зашто во една пригода (во кабинетот на тогашниот министер за внатрешни, а подоцна и за надворешни работи) тој џентлмен ме праша што ќе ни фалело ако го прифатиме името што еден наш член на поранешното југословенско претседателство ни го донесе од Виена: Централна Балканска Република (!?).

"Ако Вие не разбирате", му бев одговорил, "јас не можам да Ви објаснам!", а ни ден–денес не сум на чисто дали човеков (со прашањето) се шегуваше и ме провоцираше или зборуваше сериозно. Сеедно, ми беше шубе кога дознав дека тој ќе ги брани боите на Македонија во натпреварот за името. А ми беше шубе зашто знаев со кого треба да преговара. Се сеќавате ли на приказната што еднаш ви ја бев раскажал: за тоа како Господ, кога ја создавал земјата и сй што и било потребно, меѓу другото, создал и еден куп лаги; ги врзал во вреќи та фатил со нив да ги дарува народите што (тогаш) ја населувале. Вреќите што му останале ги фрлил на една пуста, каменеста земја. Подоцна таму се населиле Грците и очигледно ги нашле...

За ставот во преговорите со нив се прави консензус, а на влегувањето во Европа ќе попричекаме. За тоа не помага ни едногласен ни разногласен консензус. Сепак, не се сомневам дека Македонија еднаш ќе влезе во Европската Унија. Та нели рекол народот (македонски): "Господ ги чува будалите"? Барем мене ова верување досега никогаш не ме изневерило.