Dnevnik, January 26, 1998 

Колумна 

Инвестиции 

Според прокламираните приоритетни цели на Владата и на државниот врв, во 1998 година ќе сме
требале да вложиме огромни напори за привлекување на странскиот капитал како основа за нашето
излегување од економската криза!?

Одлично.

Две години пред распаѓањето на институциите во Албанија во Скопје се сретнав со еден италијански
сенатор. Италијанците се шармантни и жовијални луѓе. Исто како што со Русите по две вотки
разговорот се опушта и станува братски, тоа со Италијанците станува по две минути, ако им
прозборите на пристоен италијански јазик. Целта на мојата средба со почитуваниот сенатор беше да
испитам колку Италијанците се спремни да инвестираат во Република Македонија. И, се разбира, да
лобирам за тоа. Како што е ред, појдов одоколу. Го прашав вака: зошто Италија, која со извесно право
Албанија ја смета за своја интересна сфера, во време кога преоѓа од индустриска во постиндустриска
ера не ја префрли својата индустрија, макар и таа еколошки проблематичната, во Албанија? Каде
што има идеално евтина работна сила. Со тоа би и помогнала на Албанија самата економски да
застане на нозе.

Имате право, рече сенаторот. Ние тоа го посакуваме, зашто е од заемен интерес, но тука има една
голема пречка. Каква пречка? - прашав јас, не очекувајќи таков одговор. И тука почна неговиот
стаписувачки расказ. Една, вели, голема италијанска фирма сакала да подигне фабрика во Албанија.
Почнале преговори. Албанскиот министер, вели почитуваниот италијански сенатор, со кравата што
повеќе личела на чорап (ова беше метафора за сиромашен човек) барал цели 14 отсто провизија за
себе од сиот потфат!!!

Крај.

Продолживме да разговараме за моите театарски режии во Италија, за Дарио Фо...

А како стојат работите кај нас? Кои услови ќе ги понудиме ние кога ќе сме се растрчале по странски
инвестиции? (Оти, еве, Албанците се растрчале уште пред три години!?)

1. Евтина работна сила.

2. Парализиран банкарски систем.

3. Небаре берза.

4. Небаре независно судство со закони што сй уште го штитат должникот од побарувачот.

5. Стабилна валута со мала инфлација.

6. Нелегитимна приватизација извршена пред и да се помисли на денационализација.

7. Приватизација што најверојатно барем делумно ќе биде оспорена и поништена од првата
опозициона партија што ќе дојде на власт, зашто поради тоа и ќе биде избрана. Ако биде.

8. Висок степен на организиран криминал, афирмиран како таков (октопод) од актуелната Влада.

9. Висок степен на корупција. Афирмирана како таква од актуелната Влада.

10. Висок степен на меѓуетнички тензии.

11. Сто педесет и некое место на листата за погодност за странски инвестиции.

12. Присуство на УНПРЕДЕП, што само по себе нй означува како нестабилно подрачје.

13. Отворени политички проблеми со сите соседи.

14. Одложен пристап кон ЕУ за најмалку 10 години.

15. Висока стручна спрема и работоспособност на нашите луѓе.

16. Непостоење на визија за приоритетите на одредени економски гранки во Република Македонија,
како и непостоење на конкретен увид за понуда на одредени сй уште рентабилни економски
системи.

17. Необично висок пораст на општиот криминалитет.

18. Сй поголема надворешна задолженост, дебаланс на надворешната трговија и дубиози за
внатрешните долгови.

19. Превработеност во државната администрација.

20. Општ застој на реформите, односно на демократските процеси.

Како што се гледа, од сите наброени 20 услови, само три (бр. 1, бр. 5 и бр. 15) одговараат на некаква
примамливост, додека сите други 17 (да не говориме од конкретните аспекти на битноста на тие
услови!?) се крајно репулзивни (одбивни). Едноставно, никој не е доволно луд да инвестира свои пари
во такви услови.

Што е најстрашно, тука не се завршува сета приказна. Нашата Влада, со своите економски експерти,
кои своето образование и своите стручни титули ги стекнале како договорни економисти, нема ни
трошка смисла за она што се вели "сид мани", а значи инвестициона проба, фрлање инвестициона
јадица, пробање на можноста да се обиде со помала инвестиција, ако се покаже в ред, да се
инвестира посериозно. Таква шанса ни даде фирмата "Ауди". По долгите преговори ја одбивме! Дури и
да бевме во чиста загуба, требаше да ја прифатиме таа инвестиција за да се охрабрат следните, на
кои во оваа година толку сериозно ќе сме сметале. Фирмите, како што е познато, пред секоја зделка
се ставаат под лупа. Но, и државите. Кога во нив се инвестираат пари што не се заработени преку ноќ
со шверц или со рекет! Поради тоа Република Македонија едноставно мораше да го мине овој сид
мани-тест. Којзнае до кога ќе чекаме нов. И ако воопшто се најде некој да инвестира, прво ќе го
запраша "Ауди". Зошто таа фирма сепак не инвестирала?

Премногу ја сакам својата земја, за и во овој случај да помислам на приказната на италијанскиот
сенатор. Навистина сум далеку од таква помисла, зашто е под рамништето на мојата размисла. Па,
сепак?

Во ваква ситуација ни остануваат само две алтернативи: или да се растрчаме низ белосветските
азили за богатите душевно болни или од нив да бараме да инвестираат кај нас; или на следните
избори, ако ништо друго, да ја промениме владава. Какви што сме ние - толерантен и мудар народ - ќе
го одбереме потешкиот пат: првата алтернатива.

Само што таа се плаќа и допрва ќе се плаќа со општа сиромаштија.