Устав (Dnevnik, 3 Dekemvri 1997)

Слободан Чашуле

Денешниот абер до Вас го пишувам на денот на шестата годишнина на Уставот, со намера, наместо да славиме, да му порачам на претседателот на Републиката да ги свика кај себе "самитџиите" и да им понуди консензус за АСНОМ. Оној првиот, кој доследно на востанието, ги кодифицира мошне прецизно односите меѓу чинителите што ја создадоа државата. Нема, чинам, подобра платформа, или национална стратегија за Македонија. Колку и да минува времето, сй повеќе станува јасно дека рамката на АСНОМ сй уште е најдобра за нашата држава остварена на овој дел од националната територија. Сй друго е само варијација на внатрешниот поредок и ништо друго. Само така ќе може да се избегнат непотребните импровизации, кои станаа одлика на нашата внатрешна состојба и меѓународната позиција.

Кога на нештата би им се пришло од аголот на АСНОМ, не гледам аргументи што би можело да и дадат логика на веќе шестгодишната практика на нашите соседи сите историски "спорови" да ги отвораат и со наша сесрдна помош да ги држат отворени. Ако ништо друго, АСНОМ ја има верификацијата на тогашните наши рамноправни сојузници - силите на антифашистичката алијанса. Верификација овозможена со победата во востанието извојувана исклучиво со сопствени сили, што е без преседан во Европа!

Таквата доблест ни го донесе основачкиот статус на Обединетите нации. Има ли посилна позиција?

Ќе рече некој, ништо ново. Така е. Арно ама, треба постојано да се потсетува на тој дел од нашата историја, од која бегаат многумина. Бегаат под изговорот дека погледите им се свртени напред. Лажат.

Едноставно, не паметам ниту една друга држава да изгубила толку од својата позиција со чекорот кон целосната самостојност, како Македонија. Не ми е јасно како може - токму со осамостојувањето - да се релативизира историскиот сон на Македонците за самостојна држава и да се врати толку назад, дури до потребата повторно да го докажуваме идентитетот!?

Границите на АСНОМ, особено северната, сега се на тапет на бесконечните преговори во Србија, која ја принудивме на сојузништво и ја ослободувавме. Идентитетот на нацијата и јазикот наеднаш стана проблем со Бугарија, која ја победивме во востанието. Грција не сака да чуе за државата, па и го менува идентитетот, иако како сојузник го призна со победата против фашизмот. Албанија, преку своите експозитури тука кај нас, го спори конститутивниот карактер на народот што ја извојува победата над тие што сакаа да ја видат призренската лига и нејзината Албанија како единствена алтернатива.

Ако се потребни докази, ги има премногу. За да не ни мине времето во читање листа долга колку весников, еве само два примера од минатиот викенд: Клаус Кинкел и Паскал Миљо се договорија како да ги решат нашите проблеми од високото образование. Ќе прават универзитети, без нас, се разбира, и тоа на албански јазик. Некои си холандски партии решија на ПДП да и дадат поддршка на претстојните избори. Белки така и тие ќе ни помогнат да куртулиме од маките.

Ајде сега види му го крајот!?

Ама зошто, кога од највисоко доаѓаат абери дека го правиме истото.

Претседателот Киро Глигоров, два–три месеца пред средбата на Крит со своите колеги од соседството, сите четири прашања докрај ги релативизираше.

Во Полска прашањето на името на Македонија го докусури на два начина. Најпрво со тоа што се согласи посетата на Варшава сепак да се одржи. Дури и да не се потпишат државните договори, оти ете Полска има "проблеми со (нашето) името".

Потоа, со самото тоа што рече дека името на Македонија е избрано на референдум и запишано во Уставот, Глигоров го смести спорот со Грција во договорната сфера.

Демек, ако името на Републиката е избрано арбитрарно, со политичка одлука, тогаш на ист начин може и да се смени.

Така, ранувајќи се в нога, Глигоров тргна на Крит на "историска" средба со Костас Симитис. Прва досега на олку високо ниво меѓу Македонија и Грција.

"Мини–самитот" се одржа. Штом се одржа, престана да биде историски. Самиот Глигоров побрза да му го симне ореолот на историчноста. Друго и не му остана. Всушност, покрај тоа што се состанаа, Глигоров и Симитис немаа ништо поконкретно да прикажат како резултат на средбата. Освен што Грците ја искористија можноста да кажат дека преговорите за името продолжуваат, а Македонците да потврдат дека нема да попуштат.

Релативизирајќи го името, Глигоров се фати во сопствената стапица и ја ослабна позицијата на Македонија и во однос на Бугарија, која го негира македонскиот јазик.

Пред нешто повеќе од два месеца, македонскиот претседател изјави дека "процесот на дебугаризација на Македонија заврши".

Ако се стави "завршениот процес на дебугаризација" во контекстот на изјавата на Глигоров дека неговата држава го добила името на референдум во 1991 година, тогаш Бугарите можат со право да тврдат дека Македонија била бугарска сй до тој момент. На здравје! Мора да се признае дека ретко кој Македонец имал олкав, би сакал да е несвесен, придонес за бугарската кауза.

Не е никаква тајна дека Бугарија од моментот на нашето раздружување од СФРЈ упорно настојува да ја афирмира тезата дека Македонија и Бугарија се две држави на еден, бугарски народ. Како Германија и Австрија. Или, за да нема какви било дилеми, инсистираат на примерот на Романија и Молдова. Молдова ја посочуваат, ама и ја прифаќаат, како пример на државотворната дејност на Коминтерната. Укажуваат, барајќи аналогија, дека таа е веќе прифатена и устоличена во меѓународната јавност како втора држава на романскиот народ.

Не е тајна дека бугарската историографија упорно тврдеше, и уште поинтензивно тврди сега, дека Македонија е исто така сурогат на светската организација на комунистите. Оттаму Бугарија извлекува паралела и бара таа аналогија да се примени на Македонија. Демек, и во овој случај е во прашање вештачка, од Коминтерната создадена стварност на две држави на еден еден народ - бугарскиот. Две држави, кои, по неуспешниот аншулс во 1941 година, некогаш во иднината, во подобри услови, сепак ќе се обединат!

Оваа теза Бугарите најлесно ја бранат со потврдувањето на истоветноста на двата дела на едниот народ преку - јазикот. Оттука, сосема е јасно зошто на овој фронт нема ништо.

Така, ниту нешто помалку историската средба на Глигоров со бугарскиот премиер Иван Костов не даде некаков поопиплив резултат. Спорот со јазикот се одложува, како, впрочем, и сите други проблеми, во име на мирот на Балканот.

Ништо помалку спектакуларен и "историски" во очите на државните пропагандисти, ама и според отсуството на резултати, не беше ниту средбата на Глигоров со албанскиот премиер Фатос Нано. Албанскиот премиер, за волја на вистината, барем јавно прифати привидна концесија во однос на досегашната политика на неговата држава спрема Македонија. Му даде на Глигоров поддршка во решавањето на проблемите од високото образование на албански јазик на Албанците во Македонија, со што посредно го прифати македонскиот став дека е сосема непотребен, а уште помалку легален универзитетот во Тетово. Доколку Фатос Нано сакаше со концесиите на Глиговор да создаде призвук на конструктивност, претседателот Реџеп Мејдани не ја пропушти можноста да ја стави таквата концесија во рамката на дефиницијата на Македонија како граѓанска држава. За да нема сомневање дека нешто суштествено се случило.

Постои размисла дека, јавајќи на таквата поддршка на Албанија, таканаречените умерени албански политичари во Македонија, особено коалициониот партнер во Владата, ПДП, ќе бара на скопскиот универзитет "Св. Кирил и Методиј" да се воведе паралелна настава на албански јазик. Замислено е преку прашањето на образованието на албански да се изведе легализација на двојазичноста во Македонија. Таквата двојазичност е вовед во создавање држава на македонскиот и албанскиот народ, или втора албанска држава на Балканот.

Слично како и со Бугарија, Македонија и во овој случај треба да биде втората држава на албанскиот народ.

Кругот на македонските проблеми со соседите го затвора прашањето на границата со СРЈ, која премногу долго се дефинира, и сй уште е мошне далеку од дефинитивно исцртување. Ова прашање намерно се држи отворено и се интензивира во зависност од потребите на СРЈ и Милошевиќ. Недефинираната граница е сосема јасна и определена со АСНОМ, но, како и сй друго, е докрај релативизирана од политиката на Глигоров и немоќта не неговиот режим. Се чини, има кругови во чиј интерес е на север да има слободен коридор.

Средбата Глигоров-Милошевиќ, како впрочем и сите други "мини–самити" со лимитирана и краткорочна историчност, не донесе ништо. Едноставно и таа пригода е искористена за да се потврди дека со Македонија постојат отворени прашања.

Така, претседателот Глигоров појде недозволиво неодговорно на Крит, без каква и да е платформа, што само го зголемува страхувањето дека на тајните, "историски" состаноци сепак се работело, како и многупати досега, без компас, или одговорност.

П.С. Си се чудам на умот. Што е сето тоа толку важно. Сега сме франкофонска земја. Наскоро сите ќе го говориме течно францускиот. Белки така ќе исчезнат сите наши маки. Универзитетски и јазични.