Пинџур (Dvevnik, Noemvri 1997)


Слободан Чашуле

Не сум кукавица како Квашњевски, на кого претседателот Глигоров му забележа оти се плаши да потпише со нас договор под нашето уставно име, ако некој сй уште и се сеќава на него. Мислам на името. Оти, мора да признаете, поголем дел од светот нй нарекува БЈРМ, а бидејќи ние си прифативме така да ни се обраќаат најголемото семејство држави, Обединетите нации, за сите нив, особено Западна Европа, ние друго име и немаме. Се разбира, сй додека кумот Симитис, во името на сите негови бивши Елини, не нй (по)крсти со некое трето.

Нејсе. Во секое време на Полска ќе и потпишам сй што треба под нејзиното уставно име. И на Словенија. Се сеќавате тоа е онаа „братска и единствена“ република од бившата СФРЈ, во која останавме заробени само уште ние, судејќи според името и односот на светот спрема нас.

Арно ама, ние, Македонците, сме си душевни луѓе, па нема да ја злоупотребувам нашата куражност и да им пречам на Полјаците и Словенците да си го најдат патот кон Европа. Претседателот на Републиката, што се однесува на Полска, ми помогна – ја заврши работата од името на сите нас. Сега веќе нема друго. Сй што тој прави по светот, особено кога е резил, ни припаѓа на сите - се надевам се сеќавате, сите „релевантни“ - по негов избор - партии, на Киро Глигоров му потпишаа однапред дозвола да оди, ете како во Полска, бос по трњето на светската дипломатија, полна кукавици и неразбрани луѓе, на кои не им е до нашата конструктивност, миротворност и гарантирањето безбедност. Тој од името на нашата стоичка храброст и екуменство, прифати да не и пречи на Полска да си го најде патот до Европа.

Алал да ти е бе, Киро! Ќе те памети светот, а не само твоите посиноци (да не употребам друг поим) овде кај нас, како државотворец, особено како несебичен државотворец, кој има време, покрај својата пропадната, да гради и туѓи државни позиции. Како на Полска, на пример, на која и прифативме да нй испрати назад во Скопје без потпишани договори, ама со „ПОТВРДА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО“, како што храбро ќе прокламира на крајот на октомври весникот на државата Нова Македонија.

Каков што сум, збунлив, не ми е јасно. Ако Квашњевски не ги потпиша документите оти му е страв, ни даде во замена некаква потврда за пријателство? Ја потпиша, онака, слободно: „Јас, Александар Квашњевски, ви потврдувам дека сум ви пријател, а после ќе направиме и договор, ама прво да влезам во Европа“?! И сето тоа, иако Киро го прекори и му рече, онака храбро, среде Варшава: „Очекував и очекувам Полска како гест на пријателска политика да ни се обраќа нам и да ги потпишува двостраните договори со Република Македонија и со Република Полска, зашто тоа е право на нашиот народ, кој го избра ова име на референдум и го запиша во Уставот“ (според гласилото на државата Нова Македонија од 30 октомври бр. 18.224).

Навистина е храбро да кажеш дека народот што го застапуваш си избрал на референдум име и го запишал во Уставот. И тоа среде бел свет, пред очите и ушите на новинарите, пред камерите на телевизиите, среде Варшава, местото во Источна Европа каде што се собираат сите релевантни аналитичари. Така ги викаат сега некогашните разузнавачи, или - шпиони, кажано народски. Памтете го тоа „избрал на референдум“. Многу е важно.

Безбели затоа еден пријател во искрена паника ме праша во минатата сабота: „Цобе, што ли ќе ни земат на Крит?!“ Ме допраша искрено, сосема збунет од обидите на пропагандистите на ликот и делото на Киро да објаснат како сите во Варшава се збуниле, па само Тој, Претседателот Глигоров, знаел што прави и останал грамотно свој на своето.

Ме трефи ровја среде сончан дуовден! Навистина, што ли ќе ни земат? Името ли!?

Не дај боже, си реков во себе, а на пријателот, за да не го трефи нешто неметафорично, како што е дамлата (во ризични години е), му реков: „Не бери гајле, знае Киро што прави. Што и да му земат, нашите колеги веднаш ќе го прогласат тоа за уште еден дострел на нашиот претседател, кој повеќе не е сам. Не грижи се, зад него сега се сите партии, па и таков пораз ќе ни биде дојавен како негова победа над разните кукавици од типот Квашењски, или Симитис. Како уште еден триумф на „Доктрината на Глигоров“: Збуни ги непријателите и давај им сй што ќе ти побараат, среќен што ќе о(п)станеш, макар и гол. А потоа, ќе видиме, до следната победа“.

Му кажав, ама ми остана во мислата некој уплав. Ме стиска нешто, па си велам, на кого ако не на вас да ви го кажам: Замислете, на „историската средба“ Глигоров - Симитис, грчкиот премиер, поучен од Квашњевски, ама и од сопствениот опит што и да побара да - добие, да му се вдвои на Кира на Крит и да му рече: „Аман помагај, страв ми е да не ме кутнат оние од десницата!“ Замислете, згора, да му побара социјалистичка солидарност, демек: „Пролетери од сите земји, обединете се!“ Да залелека: „Аман Киро, давај го името, пет пари ми е алот, а кога ќе мине фуртумата, ќе се договориме! Да ти дадам потврда?“

Нашиов претседател, душевен маж, каков што го дал господ, и ќе прифати. Зошто да не, кога првин го релативизира името со прифаќањето на БЈРМ, потоа со безимената спогодба со Грција, и на крајот, како што самиот призна, со потпишувањето разни документи со име што не е она уставното. Конечно, само неколку дена пред Критскиот самит, среде Варшава рече дека името сме го избрале на некаков референдум и сме го клале во Уставот. Ако е така, Симитиса ништо не го чини да му предложи на Кира сето тоа да го ревидира, кога веќе доби изим - и референдумот и Уставот. Онака грчки, сй тече, сй се менува. На линијата на упорното тврдење на Атина, дека ако името на нашата држава и на нашиот народ е ново, изведено од географскиот регион Македонија, а не според илјадагодишната традиција на нацијата, тогаш зошто би било толку тешко да се избере ново? Ете, да се замени со некаква комбинација, со каква и да е географска одредница. Какви што сме, кога и тоа ќе ни се докладе, ќе се бориме за името БЈРМ како претходна победа, од која не се откажуваме!

Не знам уште што треба да ни се случи, па оваа наша јавност да создаде критична маса што ќе рече „доста“. Што ќе приговори дека никој нема мандат упорно да греши и тоа особено кога се во прашање виталните интереси на Нацијата. Станува здодевно постојано да се укажува на гафовите што ги прават тие што треба да си ја знаат работата со која си го вадат лебот. Не држат повеќе убедувањата дека претседателот не е виновен, дека сите тие случки му ги местат други, а тој нема поим.

Бил, велат, жртва на демонтажа стокмена од тие што го монтираа како татко на нацијата. Неговите посиници сакаат сосила да го претворат во жртва, пред да се досетиме дека, всушност, за сето време ни бил очув, и лека–полека нй претворал во бастарди.

Не! Ако веќе грешките се толку очевидни, што сега наместо куферите, по аеродромите и белосветските метрополи и салони го губиме претседателот, тогаш или тој ќе ги смени тие од неговиот кабинет, или самиот ќе си појде во историјата.

Трето нема.

Не вреди да се троши хартија за да се објасни што се прави кога некој не е спремен да ти излезе в пресрет. Не му одиш, едноставно. Се добива дипломатски грип. Вака, од шупликаво правиме празно.